Еразмус+ · Европски солидарен корпус
Замини да волонтираш во Европа — без да платиш ниту денар.
Европскиот солидарен корпус (ЕСК) е програма на Европската унија што им ги плаќа патот, сместувањето, храната, осигурувањето и месечниот џепарлак на младите што одат да волонтираат во друга земја. Имаш меѓу 18 и 30 години и живееш во Северна Македонија? Тогаш имаш право да учествуваш — а ЕВЕЦ Кочани има Ознака за квалитет и за поддршка на волонтери, што значи дека можеш да заминеш преку нас.
Прво, најважното
Што е Европскиот солидарен корпус?
Не е стипендија, не е студиска размена и не е вработување во странство. Одиш во друга европска земја и работиш доброволно — во здружение, училиште, центар за лица со попреченост или еколошка организација — полно работно време, од два месеци до цела година. Не земаш плата, но и не плаќаш ништо.
Зошто малку кај нас знаат за ова
Европскиот солидарен корпус не е ниту нова ниту егзотична работа. Низ програмата секоја година поминуваат млади луѓе од цела Европа — и од Северна Македонија, зашто нашата земја е програмска земја и има целосно право на учество, исто како Германија или Шпанија.
Проблемот кај нас не е правото, туку информацијата. Многу млади во Кочани и Штип за прв пат слушаат дека може една година да живеат во друга земја, да работат нешто корисно и за тоа да не платат ништо. Оваа страница е обид тоа да се промени.

Три работи што вреди да ги знаеш веднаш
Ова се трите прашања што ни ги поставуваат прво, речиси секогаш.
Од 2 до 12 месеци
Долгорочното волонтирање трае од два до дванаесет месеци и е најчестата форма. Постојат и краткорочни престои од две недели до два месеци, наменети првенствено за млади со помалку можности.
Европската унија
Парите не ги вадиш од свој џеб и не ни ги плаќаш нам. Проектот го финансира ЕУ, а организацијата што те прима во странство ти обезбедува сместување, храна, месечен џепарлак и осигурување. Патот таму и назад е исто така покриен.
Youthpass и една година што се брои
На крајот добиваш Youthpass — сертификат признаен низ цела Европа, во кој пишува што си научил/а. Плус јазик, искуство во работа со луѓе и познанства во неколку земји.
Едно појаснување за поимите. Многумина кај нас велат „Еразмус волонтирање“. Се мисли на истото: Еразмус+ и Европскиот солидарен корпус се две програми на Европската унија што ги водат истите агенции, а ЕСК е онаа за волонтирање. Не е студиска размена и не се добиваат кредити сами по себе.
Пари и трошоци
Што плаќа ЕУ, а што плаќаш ти
Твој трошок? Ниту денар.
А сега што НЕ е покриено. Ова не е вработување и нема плата. Џепарлакот е за секојдневни трошоци — кафе, автобус, интернет — а не приход што ќе го штедиш и ќе го донесеш дома. Ако тргнуваш за да заработиш пари, ЕСК не е тоа. Ако тргнуваш за искуство, за јазик и за една година што ќе ти го смени погледот — тогаш е токму тоа. И уште нешто: ако некој ти бара пари за да те „вклучи“ во ЕСК, тоа не е ЕСК.
Чекор по чекор
Како всушност се заминува
Никој не заминува преку ноќ. Од првата порака до денот на тргнување обично поминуваат неколку месеци — затоа пишувај порано, а не кога веќе си спакувал/а куфер.
Регистрирај се на Европскиот младински портал
Секој волонтер во ЕСК има свој личен референтен број на учесник — PRN (Participant Reference Number). Регистрацијата е бесплатна, трае неколку минути и е иста за секоја земја во Европа. Регистрирај се тука.
Пиши ни е-порака
За да учествуваш ти треба акредитирана организација за поддршка во твојата земја. ЕВЕЦ Кочани ја има таа улога во Ознаката за квалитет. Пиши ни на contact@evec.org.mk — одговараме во рок од 3 работни дена.
Заедно бараме проект
Ни кажуваш во која земја би сакал/а, колку долго и што те интересира — работа со деца, екологија, спорт, медиуми, лица со попреченост. Ние гледаме што е отворено и те поврзуваме со организациите што примаат волонтери.
Пријава и избор
Праќаш кратка биографија и мотивациско писмо, најчесто следува разговор преку интернет. Ако те изберат, се потпишува договор во кој јасно пишува што ќе работиш, колку часа неделно и што ти следува.
Подготовка пред тргнување
Пред да заминеш, поминуваш подготовка со нас: што те чека, како да се снајдеш во првата недела, што ако нешто тргне наопаку и на кого се јавуваш. Тука ги решаваме и документите за престој.
За време на престојот и по враќањето
Таму имаш ментор во организацијата што те прима, а ние сме ти на располагање од оваа страна. Кога ќе се вратиш, добиваш Youthpass — и помош од нас да го употребиш: за работа, за факултет или за свој проект тука.
Искрено
Дали ова е за тебе?
Најчестите причини да не се пријавиш се токму причините да се пријавиш
Не ти треба диплома. Не ти треба претходно искуство во здружение. Не ти треба совршен англиски — доволно е да можеш да се договориш, а јазикот на земјата најбрзо се учи откако ќе стигнеш таму. Ако имаш попреченост, ако си од семејство со мали примања, ако си без работа или ако си имал/а тешкотии во школувањето — тоа не се причини да се откажеш. Програмата предвидува дополнителна поддршка токму за млади со помалку можности, а волонтер на кој му е потребно може да замине и со придружник.
- Патот до земјата и назад
- Сместување и храна, или пари за храна
- Месечен џепарлак за лични трошоци
- Осигурување за целиот престој
- Ментор во организацијата што те прима
- Youthpass кога ќе завршиш
Не си во таа возраст, или не ти се заминува? Возрасната граница 18–30 ја пишува Европската унија и никој во Европа не може да ја заобиколи. Но локалното волонтирање кај нас нема горна граница и нема рок за пријава — отворено е во Кочани, Штип и Делчево, само што е неплатено. Види што има да се работи тука.
За родителите
Што треба да знаете како родител
Оттука натаму се обраќаме со Вие.
Вашето дете нема да замине во непознато и нема да биде само. Секој волонтер има потпишан договор во кој пишува што ќе работи и колку часа, ментор во организацијата што го прима, осигурување за целиот престој и сместување обезбедено однапред. Пред тргнувањето поминува подготовка, а за време на престојот останува во контакт и со нас.
Ќе бидеме искрени и за ова: ЕВЕЦ нема платени вработени — здружението работи на волонтерска основа. Тоа не значи дека нема кој да ви одговори. Значи дека луѓето со кои ќе разговарате се истите луѓе што ја работат работата, и дека одговараме во рок од 3 работни дена, а не за пет минути.
И уште нешто, што сами го препорачуваме: проверете нè пред да разговарате со нас. Ознаката за квалитет на здружението е јавно видлива на Европскиот младински портал (организација 49665). Нашата политика за заштита на учесниците е објавена на посебна страница.

Соработка
За училишта, општини и здруженија
Испратете ги вашите млади во Европа
Ако работите со млади во Кочани, Штип, Струмица, Делчево или Лозово, ние можеме да ги подготвиме и да ги испратиме на волонтирање во друга европска земја. Вашата улога е да ни ги доведете луѓето — барањето проект, документацијата и подготовката се наша работа.
Јавете ни се →Сакате сами да примате волонтери?
За да прима странски волонтери, вашата установа или здружение треба сопствена Ознака за квалитет. Ние поминавме низ таа постапка и можеме да ве водиме низ неа — акредитацијата останува ваша, не наша.
Контактирајте нèДругата насока
Може ли странски волонтер да дојде кај нас?
Оттука натаму повторно се обраќаме со ти.
Може. Ознаката за квалитет на ЕВЕЦ ги покрива и улогата на организација домаќин и улогата на организација за поддршка, и таа му припаѓа на здружението, а не на една канцеларија — значи волонтер може да биде сместен во кој било од нашите пет града. Кочани, Штип и Струмица се впишани и посебно на Европскиот младински портал, па странска организација може да ги побара директно; Делчево и Лозово се покриени со ознаката на здружението.
За тебе тоа значи дека може да се најдеш рамо до рамо со врсник од Шпанија или од Полска — во дневниот центар за лица со попреченост, на еколошка акција, на боча (Boccia) или во училница. Не мора да заминеш за да работиш во меѓународна екипа.
Каде може да престојува волонтер:

Целосно искрено: досега кај нас во Северна Македонија немаме примено ниту еден волонтер од Европскиот солидарен корпус. Имаме важечка Ознака за квалитет како организација домаќин, имаме каде да го сместиме волонтерот и имаме што да работи — но тоа сè уште не се случило и нема да се преправаме дека се случило. Кога првиот волонтер ќе дојде и ќе си замине, тука ќе стои неговото име и неговиот текст. Не пред тоа.
Со кого имаш работа
Проверливо, во две минути
Кофинансирано од Европската унија
Кочани, Северна МакедонијаПровери ја во живо на Европскиот младински портал — организација 49665. Ознаката е на здружението, па важи за сите пет града.
Нашите идентификациски броеви во ЕУ. Посебно се впишани и подружниците: ЕВЕЦ Штип OID E10039470 · PIC 924094266, и ЕВЕЦ Струмица OID E10257646.
Кочани 5 · Штип 8 · Делчево 5 — заедничкиот проект е броен еднаш. Секој код се проверува на платформата за резултати на Еразмус+.
Здружение ЕВЕЦ Кочани — European Voluntary and Educational Center · OID E10119353 · PIC 943554018 · Ознака за квалитет важи до 31.12.2027 · Кочани, Северна Македонија · Национална агенција за европски образовни програми и мобилност (MK01), Скопје · Контакт: contact@evec.org.mk
Кофинансирано од Европската унија. Изнесените ставови и мислења се исклучиво на авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската унија или на Европската извршна агенција за образование и култура (EACEA). За нив не одговараат ниту Европската унија ниту EACEA.
Добро е да се знае
Прашања што најчесто ни ги поставуваат
Дали навистина не плаќам ништо?
Не плаќаш. Патот, сместувањето, храната, осигурувањето и јазичната поддршка ги покрива програмата. Плата не добиваш — добиваш месечен џепарлак за лични трошоци, чија висина зависи од земјата во која одиш. Ако некој ти бара пари за да те „вклучи“ во ЕСК или ти нуди „сигурно место“ за одреден износ, тоа не е Европски солидарен корпус.
Ми треба ли англиски?
Толку колку да се договориш. Не се бара сертификат и не се полага испит. Јазичната поддршка ја добиваш преку платформата на програмата, а јазикот на земјата во која одиш најбрзо се учи откако ќе стигнеш — токму затоа програмата и го плаќа тоа учење.
Дали ќе го изгубам факултетот или работата?
ЕСК не е студиска размена и сам по себе не носи кредити. Ако си студент/ка, разговарај со факултетот пред да заминеш — на некои насоки волонтерската пракса се признава, на други не. Ако си вработен/а, ова бара целосно отсуство. Напиши ни каква е твојата ситуација и ќе ти кажеме искрено дали има смисла или подобро да почекаш.
Дали ми треба виза или дозвола за престој?
Зависи од земјата и од должината на престојот. За подолгите престои најчесто се бара дополнителна документација. Не гаѓај и не се потпирај на тоа што прочитал/а на форум — пиши ни со земјата што те интересира и ќе ти кажеме што конкретно се бара и кој што подготвува. Тоа е дел од чекор 5, подготовката пред тргнување.
Колку трае и кога треба да се јавам?
Долгорочното волонтирање трае од 2 до 12 месеци; постојат и краткорочни престои од две недели до два месеци. Пријави примаме преку целата година, нема рок. Јави се барем неколку месеци пред посакуваниот почеток, за да има време да се најде проект и да се среди документацијата.
Дали Еразмус+ и Европскиот солидарен корпус се едно исто?
Во разговор — да. Тоа се две одделни програми на Европската унија што ги водат истите агенции. ЕСК е програмата за волонтирање — тоа што многумина го викаат „Еразмус волонтирање“. Еразмус+ ги покрива младинските размени, обуките, стручното образование и студентската мобилност.
Имам попреченост или помалку можности. Дали е тоа пречка?
Тоа е причина да се јавиш, а не да се откажеш. Програмата предвидува дополнителна поддршка токму за млади со помалку можности, а волонтер на кој му е потребно може да замине и со придружник. Кај нас пристапноста не е декларација на хартија: членови на здружението секојдневно работат во дневните центри за лица со попреченост во Делчево и во Штип — Ново Село.
Имам над 30 години, или сум под 18.
Границата 18–30 ја пишува Европската унија во регулативата за Европскиот солидарен корпус. Ниту ние, ниту која било организација во Европа не може да ја заобиколи — ако ти кажеме „да“, пријавата би паднала на финансирање и би чекал/а месеци за одбивање. Под 18 години може да се вклучиш во нашите локални активности со согласност од родител. Над 30 — локалното волонтирање нема горна граница.
Што ако таму не ми се допадне?
Затоа постои договорот и затоа постои менторот. Проблемите се решаваат прво на лице место, со менторот и со координаторот на проектот, а ние сме твојата страна во таа врска и не престануваме да бидеме тоа откако ќе заминеш. Ако нешто сериозно тргне наопаку, престојот може и да се прекине — за тоа постои постапка и не си заглавен/а таму.
Дали ЕВЕЦ веќе примил странски волонтери?
Не, ниту еден досега во Северна Македонија. Имаме важечка Ознака за квалитет како организација домаќин и подготвени сме, но тоа сè уште не се случило. Затоа на оваа страница нема изјави од волонтери — нема да измислуваме. Улогата за поддршка — испраќање млади од Македонија на волонтирање во странство — е дел од истата ознака, и токму заради неа е напишана оваа страница.
Подготвен/а?
Твоето волонтирање во Европа почнува со една порака.
Чекор 1 — регистрирај се на Европскиот младински портал
Секој волонтер во Европскиот солидарен корпус има бесплатен личен референтен број на учесник — Participant Reference Number (PRN) — од порталот. Регистрацијата трае неколку минути и е иста за секоја земја. Регистрирај се на Европскиот младински портал →
Чекор 2 — јави ни се преку формуларот или на contact@evec.org.mk. Редоследот не е важен, може и обратно.
Пополни го формуларот — трае една минута и веднаш знаеме кој си, од каде си и што те интересира. Ако повеќе ти одговара обична е-порака, и таа е сосема доволна. Ја читаме секоја порака и одговараме во рок од 3 работни дена.
Пријави интерес за волонтирање
Ако повеќе сакаш е-порака
- Име, години и град во кој живееш
- Во која земја би сакал/а и што те интересира да работиш
- Приближно кога и колку долго би заминал/а
- Твојот PRN, ако веќе го имаш — во ред е и ако сè уште немаш
Нема најавување на портал и нема сложена процедура. Формуларот е побрз, но и обична е-порака е сосема доволна. Одговараме во рок од 3 работни дена.
Продолжи да разгледуваш
Поврзани страници
Вклучи се
Сите начини да се вклучиш
ЕСК, локално волонтирање и пракса — споредени едно до друго, со тоа што секој начин бара од тебе.
Отвори ја страницата →Вклучи се
Локално волонтирање
Не ти се заминува? Почни во Кочани, Штип или Делчево — без возрасна граница.
Отвори ја страницата →Здружението
За ЕВЕЦ Кочани
Кои сме, од кога постоиме и што работиме во петте града.
Отвори ја страницата →